13.05.2016 Жените креативки, учеснички во проектот за економско зајакнување на жената од Вардарскиот регион остварија средба за вмрежување, со претставници од бизнис секторот и агентите за продажба – кои на терен ги промовираат и нудат за продажба, нивните производи.
На оваа средба, жените имаа можност низ еден неформален пристап, да се запознаат со претставниците на бизнис заедницата, со цел, да разменат директни искуства и контакти, и во иднина да развијат заеднички бизнис партнерства, од кои бенефит ќе имаат сите инволвирани страни. Креативките своите рачно изработени производи ќе ги нудат на бизнисмените, тие ќе ги откупат и понудат за понатамошна продажба, и во таков бизнис концепт, да функционира нивното патнерството.
Носителот на проектот Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ во рамки на проектот организираше повеќе различни активности за промоција и продажба на рачно изработените производи на жените. Покрај креираниот веб сајт креативка.мк за онлајн продажба на производите, беа презентирани и изложбени полици во јавни објекти, во кои се изложени рачните изработки, а воедно, беа обучени и лица –агенти за продажба кои ќе вршат директна промоција и продажба на производите на пазарот и заинтересирани поединци.
Жените креативки изразија големо задоволство од проектот, особено од тоа што Фондација „Фокус“ им даде можност да се стекнат со уште поголеми и поразлични вештини во процесот на изработување на производите, а особено, затоа што и им помага во процесот на продажба и промоција на нивните производи.
Проектот „Економско зајакнување на жената од Вардарскиот регион го реализира Фондација за локален развој и демократија „Фокус“ во партнерство со словенечката „ИРД“. Проектот финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Република Словенија во износ од 80 илјади евра.

08.10.2015

Изработените сувенири на Креативките на претходната работилница сега добиваа финален изглед. Со последни финеси се доцртуваа мотивите и се бојадисуваа скиците. Креативките со обучувачот Димитриј Михајловски развија дискусија за тоа каде и на кој начин можат да ги изложат и продадат сувенирите. Креативките констатираа дека Вардарскиот регион е транзитна рута на голем број на странски туристи со што им се отвора можноста за успешна промоција и потенцијална продажба, особено во летниот период од годината.

06.10.2015

За оваа работилници набавивме посебни минијатури од грнчарски производи на кои им беше потребна доработка. Креативките од овие производи создадоа сувенири. Користејќи традиционални македонски бои и дезени Креативките насликаа мотиви од македонскиот фолклор како и обележјата на државата, знаме и грб, со цел да се создаде интересен сувенир за туристите што ја посетуваат нашата држава. Учесничките во проектот од групата за ликовни техники видоа дека овој вид на сувенири може да биде дел од туристичка промоција на Македонија и да им овозможи постабилна работа и заработувачка.

22.09.2015

На петтата работилница за плетење и везење Креативките вклучени во оваа група учеа да плетат зураф. Овој стар женски занает е многу тежок и макотрпен за работа но затоа пак ракотворбите се многу барани и скапи за продажба.
Обучувачката Соња Пљакова на Креативките детално им ја претстави оваа техника која не е плитво или везиво туку претставува ткаење. Се работи со три прсти додека во едната рака се држи чунче (мала алатка од пластика) на која се мота конецот. Зурафот се работи по шема или сопствена идеја а изработеното може да послужи како моден детал на женски фустани како и на покривки за домакинство.
Креативките беа фасцинирани и со задоволство ја изучуваа техниката.

15.09.2015

Жените Креативки и од оваа група го завршија циклусот на работилници изработувајќи креативни производи што за нив беа најинтересни во текот на обуката. Женски јаки, ташни, детаљи од тексас беа меѓу последните производи кои излегоа од вредните женски раце. Најголем дел од Креативките споделуваа совети за поефикасна изработка. Сите имаа совети и идеји за своите пријателки. Секој производ беше детално претставен и анализиран.

Најново