Фондација „Фокус“ на прес конференција го најави почетокот на проектот “Економско зајакнување на жените од Вардарскиот регион”. Пред новинарите за активностите што ќе се реализираат во наредниот период информираа извршната директорка на „Фокус“, Весна Шкортова, економскиот советник на Амбасадата на Република Словенија во Република Македонија, Мира Лесјак и координаторката на проектот Марија Алчева.

Шкортова, ги запозна медиумите со проектот кој се спроведува од јули 2014 до септември 2016 година со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Република Словенија во вредност од 80 илјади евра. Проектот се реализира во партнерство со словенечката невладина организација за меѓународна поддршка и развој ИРД. Во проектот ќе бидат опфатени 50 невработени жени од Вардарски регион поточно од општините: Свети Николе, Лозово, Велес, Чашка, Градско, Росоман, Кавадарци, Неготино и Демир Капија. Извршната директорка на „Фокус“ информираше и за теренското истражување што ќе се спроведе во овие девет општини во кое ќе бидат опфатени вкупно 450 жени, по педесет во секоја општина, за да се проценат и утврдат креативните капаците на невработените жени и да се увиди нивната индивидуална потреба за стекнување на нови креативни вештини или развивање на постоечките.

Госпоѓа Лесјак, потеницираше дека ова е идеална можност за соработка и помош затоа што невработеноста е еден од клучните проблеми во Македонија, а жените и младите од Вардарскиот регион се најранливата категорија. Таа потенцираше дека Владата на Словенија, одлучи да го поддржи проектот затоа што преку него ќе се подобри соживотот, почитувањето и соработката помеѓу различните културни и економски средини.

Координаторката Алчева, детално ги образложи активностите на проектот кој преставува исклучителна можност за жените од Вардарски регион да развијат и усовршат креативни вештини за изработка на накит, предмети од рециклирани материјали, традиционални техники на плетење и шиење прилагодени на современите потреби. Обуката и практичната работа во Креативниот центар во Велес се очекува да ги поттикне жените да ги искористат вештините во претприемачки цели. Учесничките во проектот ќе имаат студиска посета во Словенија каде што ќе се запознаат со креативните индустрии во оваа држава со цел да искористат искуства и слични практики.

Претставниците од локалните и националните медиуми покажаа голем интерес за проектот во целина и најавија медиумска поддршка и партнерство.

Најново